Првата бугарска етно група ОМ е оформена во 1991 од страна на Николај Иванов, музичар, композитор и мулти инструменталист. Целта на создавањето на групата е творење на мултикултурна, синтетичка и пластична музика, со стремеж кон соединување на елементите на етно музика, амбиентална музика, џез, new-age и минимализмот.
Групата ОМ користи инструменти и мотиви застапени во Балканската традиција како тамбура, тарабука, гајда, инструменти од далечниот исток како ситар, гатам, табла, сас, специфично Тибетанско пеење, акустична гитара, форте пијано, бас, и електрични инструменти.
На 16ти Мај 1996 година, групата ОМ одржа концерт на надморска висина од 5345 метри, во местото Калапатар (под Монт Еверест), што претставува концерт одржан на најголема надморска висина во светот, со што влегоа во Гинисовата книга на рекорди.
Настапувале на многу фестивали во Франција, Германија, Унгарија, Шпанија, Норвешка, Полска, Австрија, Хрватска, Турција, Индија, Непал, Кина како и во Бугарија.
Имаат издадено неколку компакт дискови за повеќе издавачки куќи во Германија, Франција, Унгарија и Бугарија.